Често пати за време на имплементација на софтвер за малопродажба, менаџерите на компаниите ме прашуваат како преку софтверот да управуваат со роковите на траење, т.е. да ги насочат купувачите да ги купат производите со најкраток рок.
На жалост за ова нема софтверско решение, нити некогаш ќе има. Навиките на голем дел од купувачите, помеѓу кои сум и јас, се да купуваат производи со најдолг можен рок на траење, т.е. ќе ги најдат производите кај кои рокот е подолг. Нормално, само доколку производот со најдолг рок им е достапен.
Применети методи
Најчесто применувана техника е при поставувањето на производите, производите со најкраток рок да бидат поставени најнапред на рафтот. Оваа метода дава добри резултати, но не е целосно ефикасна, бидејќи производите со подолг рок сепак се достапни за купувачот и тој може лесно да ги земе.
Најдобар метод за управување со кратки рокови е на полица да не се изложува стока со подолг рок се додека стоката со пократок рок не се потроши целосно.
Отворено со купувачите
Понекогаш се случува рокот на производите да истекува скоро, а на рафовите се наоѓа залиха. За да се мотивираат купувачите да ги купат тие производи со многу краток рок, може да се искористи погорната техника, т.е. да остане само краткиот рок на полиците, а производите со подолг рок да се тргнат. Но ова може да предизвика негативен ефект, т.е. да престане купувањето на производот бидејќи купувачот може да добие перцепција дека со него се манипулира и му се подметнува производ со лош квалитет.
Препорачано решение
Најдобрата техника во овој случај е производите со многу краток рок да се издвојат на посебно место во продажниот простор на кое ќе биде нагласено дека производите сеуште се квалитетни, но дека рокот им е пократок од останатите и дека за тоа купувачите добиваат дополнителен попуст т.е. намалена цена. На овој начин купувачот има избор во купувањето и одлуката што ќе купи е негова.
Во овој случај се појавува ист производ со два различни рокови и две цени во ист продажен простор во исто време. Сето ова е комплицирано да се управува со стандарден малопродажен софтвер, дококу во него не е вграден модул за управување со производи со краток рок.
Заклучок
Управувањето со роковите на производите на полица ја зголемува довербата на потрошувачите и ги намалува губитоците од поминати рокови
Доколку Ве интересира решението, испратете маил или контактирајте не на телефон, и ние ќе Ви дадеме бесплатен совет како се решава оваа ситуација.