Модерен и ефикасен магацин

Автор: Славчо Бујароски, управител и сопственик на „Сигма-СБ“


Со WMS – Warehouse Management System (систем за управување со магацин) и со употребата на рачни мобилни компјутери се создава можност складирањето и транспортот да станат поефикасни.

Во услови на глобализација и на зголемена конкуренција, движењето на стоките до магацините, во нив и надвор од нив, не е само едноставна физичка работа. Како што се развиваат моделите на снабдувачките канали и како што стануваат поинтензивни релациите со доставувачите и купувачите, процесот на нарачки, приемот, складирањето, транспортот и испораката на стоките стануваат уште посложени.

Компаниите од малопродажбата, големопродажбата или логистичките услуги се повеќе зависат од трошоците на работењето и времето на одѕив на барањата на нивните купувачи. Тие се повеќе се ориентирани кон зголемување на квалитетот и бројот на услугите што ги обезбедуваат за нивните купувачи.

Со унапредувања во технологијата на софтверските апликации како напредниот систем, за управување со магацин (WMS  – Warehouse Management System) и со употребата на рачните мобилни компјутери се создава можност складирањето и транспортот да станат поефикасни.Овие технологии ги трансформираат традиционалните магацини во модерни и ефикасни, Врз база на овие технологии трговците можат да изградат долгорочни логистички стратегии за развој на нивните бизниси.

Софтверските решенија за управување со магацин (WMS  – Warehouse Management System) ги оптимизираат операциите во магацините, овозможувајќи видливост на операциите од нарачка до испорака во реално време. Овие решенија обезбедуваат сеопфатни алатки и ресурси за управување, контрола и оптимизирање на логистичките операции, вклучувајќи можност за управување со повеќе локации, повеќе компании и на повеќе јазици.

Управувањето со магацин е дел од снабдувачкиот канал. Преку овој систем се управува со манипулацијата на стоките во магацините. Овој систем е тесно поврзан со приемот на стоките, сместувањето, преместувањето, пикирањето и испораката на стоките. WMS обезбедува централизирани авоматизирани процедури за управување со залихите, просторот, опремата и луѓето. Крајна цел на системот е минимизирање на трошоците и скратување на времето за извршување на активностите.

WMS функционира на однапред добро подготвени логистички податоци за артиклите и доставувачите, со што се обезбедува автоматизација на функциите во магацинот. Основата на WMS е автоматската идентификација, како што се бар-кодови и RFID-тагови од една страна како носители на информација и баркод-читачи, RFID-читачи, мобилни компјутери и безжични мрежи од друга страна како уреди што манипулираат со информациите.

Централната функција во WMS има софтверска апликација што обезбедува автоматизирани стандардни процедури за извршување на операциите во магацинот. Добиените информации при отчитувањето на носителите на информации се сместуваат во централната база на податоци што може да обезбеди многу корисни информации и извештаи, како што се статусот на стоките, искористеноста на просторот и опремата, трошоци по единечна трансакција итн.

WMS обезбедува:

  • Планирање и идентификување на ресурсите: простор, опрема, луѓе.
  • Стандардизација на процедурите за работа.
  • Извршување на операциите преку налози директни контролирани од софтверски процедури според плановите за  работа и процедурите за работа.
  • Следење на перформансите преку различни индикатори.

Основни операции за управување со магацин WMS

1.Прием на стоки. Со користење на WMS овој процес се стандардизира и се сведува на едноставни однапред дефинирани операции. Тука спаѓаат еднодневната физичка контрола на количеството и исправноста на примените стоки и се врши соодветно стандардизирано означување со баркод или RFID, што овозможува понатамошна следливост на стоките (во магацинот и при испорака). Со користење на ваква постапка се минимизира времето за прием на стоки, но се подобрува и квалитетот на информациите за залихите и нивниот статус (ЛОТ и рок на траење како едни од најбитните елементи за безбедност на прехрамбени производи и лекови). Значајна улога при приемот има означувањето на палетите со етикета на која има SSCC (Serial Shipment Container Code) баркод, со што се обезбедува едноставна манипулација и следливост на стоките до ниво на палета.

2Складирање. Примените стоки се сместуваат на однапред подготвени локации. WMS има задача да понуди локација на којашто е најоптимално да се чува примениот артикал. Доколку магацинот е поделен на зони на чување (термоконтролирана зона од 4 до 8°C, смрзнато -18°C, амбиент-храна, амбиент-хемија…) тогаш WMS не дозволува артикл за кој е дефинирана една зона да се складира, а со тоа да се помеша со артикли што припаѓаат на друга зона, на пример храна и детергенти.

3.Преместување-надополнување. Кога ќе се испразни некоја од пикинг-локациите (локација од која се земаат стоките кога се подготвува нарачка за испорака кон клиент), WMS автоматски задава налог за надополнување, при што се води грижа за рокот на стоката со која ќе се врши надополнувањето. Во овој случај се запазува принципот на FEFO (First Expired First Out), односно производите со најкраток рок се прв избор на стока од делот на складирање.

4.Пикирање. Врз база на пристигнатите нарачки од купувачи, WMS обезбедува функција за пикирање со која на оператерите-пикери им обезбедува по најкратка можна патека да стигнат до пикинг-локациите на артиклите што се наоѓаат во налогот. При ова се врши и валидација преку скенирање на баркодот на артиклот дали пикираниот артикал одговара на нарачаниот. Подготвените нарачки се одложуваат на однапред зададени локации, каде што чекаат да бидат контролирани и соодветно спакувани за да можат да се товарат.

5.Пописи. Во магацините што немаат имплементирано WMS, оваа операција создава многу главоболки, затоа што трае долго и додека трае пописот магацинот не функционира (не прима, ниту издава стоки), а исто така неизвесен е и резултатот од пописот, поради можни грешки во идентификација на артиклите. Со воведување на WMS, траењето на оваа операција се скратува од денови на часови, додека точноста е максимална. Постојат 3 вида на пописи: периодичен попис, попис при немање залихи и инцидентен попис.

6.Враќање стоки од купувач-повратници. Ова е многу честа и сложена операција што одзема многу време и ресурси во класичните системи. WMS обезбедува автоматизирана процедура, при што, покрај количинската контрола, се врши и класификација на статусот на вратена стока на : нормална, стока со краток рок, стока со изминат рок и оштетена стока. Со тоа се обезбедува поедноставена понатамошна манипулација и управување со вратената стока.

Придобивки од имплементацијата на WMS

1.Елиминација на грешки и зголемена ефикасност. Со воведување на автоматската идентификација (баркод или RFID) и софтверските процедури за контрола дали производот одговара на налогот за работа, се обезбедува елиминација на грешките за погрешно испорачан производ или за производ со поминат рок во некои случаи и до 80%. Со фактот дека се користи систем што е централизиран и работи на единствена база на добро струтурирани логистички податоци, WMS обезбедува зголемена ефикасност на ресурсите и побрзо време на извршување на операциите во магацинот.

2. Оптимизирање на искористеноста на просторот. Некои производи се испорачуваат почесто од другите. Тие можат да се групираат на локации што се блиску до излезот од магацинот со што се забрзува процесот на пикирање, пакување и испорака до клиентите. Исто така, стоките што помалку се испорачуваат се сместуваат на најоддалечените локации со што се оптимизира искористеноста на просторот.

3.Следливост. Следењето на складираните стоки подразбира следење на доставувачот и времето кога се набавени, кој ги примил, на која локација во магацинот се сместени, колку време стојат на таа локација, кога се издадени и на кои купувачи. Со анализата на овие податоци се обезбедува контрола на нивото на залихите и искористеноста на магацинскиот простор. Со тоа се зголемува капацитетот и подготвеноста за одговор на специфични барања од купувачите или доставувачите, а исто така и за планирање на сезонските артикли.

Интеграција на WMS со останати системи

Многу често WMS се интегрира со TMS (Transport Management System) – системот за управување со транспорт, со што се добиваат дополнителни придобивки, како што се: 1) Планирање возила за товарење 2) Планирање тури за испорака – спојување на нарачките за испорака во една тура за испорака според релација и возило; 3) Планирање/усогласување на капацитетот на возилата со турата и 4) LIFO (Last In First Out -Она што влегло последно, излегува прво) – принцип на товарење, а според тоа и редослед за пикирање на нарачител од купувач.

WMS може да се интегрира и со YMS ( Yard Management System) – систем за управување со двориште, како и со системот за управување со нарачки од купувачи и нарачки кон добавувачи.

 

Статијата оригинално е објавена во списанието InStore. Можете да ја погледнете тука

Споделете преку :

Facebook
X
LinkedIn
Email

Модернизирајте го вашиот сервис, Веднаш. Зборувајте со експерт