ИТ- решенија за ефикасен снабдувачки синџир

Невозможно е работењето без нив


Автор: Славчо Бујароски, управител и сопственик на „Сигма-СБ“


Информатичките решенија, покрај технолошкиот напредок, имаат вградено големо знаење и широко применети глобални стандарди за организација на работењето или стандарди за обезбедување на интероператибилност меѓу партнерите.

Сведоци сме дека влијанието на информатичките технологии во сите пори на живеењето се зголемува од ден на ден. Тоа неминовно се случува и во употребата кај компаниите кои се во секторот логистика и дистрибуција. Познато е дека без средства за транспорт не е возможно да се направи испорака на стоките до нивните купувачи. Во денешно време, реченицава гласи: Бесмислено е да се организира испорака на стоки без употреба на информатички технологии.

Процесот „од нарачка до наплата“ (order-to-cash) ги содржи следните области:

– Нарачка од купувачот;

– Подготовка на стоките;

– Испорака на стоките;

– Фактурирање и наплата.

Предизвик

Сите области имаат свои специфичности, но едно е заедничко: сите се поврзани и меѓусебно зависни. Во целиот овој процес учествуваат барем два трговски партнери: купувач и снабдувач. Логистичките операции и транспортот вообичаено ги извршуваат снабдувачите, но честопати во процесот се вклучуваат и други организации. Овој факт на виделина ја исфрла сложеноста на целиот процес што се судира со следните предизвици:

– Ефикасноста т.е. контрола и намалување на трошоците;

– Брзината на извршување на целиот процес;

– Точноста дека сите операции ќе бидат комплетирани како што е планирано;

– Видливоста т.е. одговорноста кој, кога и што направил;

– И можеби најголемиот предизвик, интеграцијата и синхронизацијата на целиот процес.

Најголемиот дел од одговорите на овие предизвици се веќе вклучени во квалитетни информатички решенија. Тие во себе, покрај технолошкиот напредок, имаат вградено големо знаење и широко применети глобални стандарди за организација на работењето или стандарди за обезбедување на интероператибилност помеѓу партнерите во целиот овој процес.

Пример од секојдневието

Кире е дел од продажниот тим на добро позната компанија која има многу производи од различни дивизии што ги нуди на целата територија на нашата земја. Тој работи во дивизијата со најмногу артикли и денес има за посета околу 20 продажни објекти во соседниот град. Уште додека го пиеше утринското кафе дома, ја прегледа листата на објекти и редоследот на посета преку апликацијата за мобилна продажба (Mobile Sales) на својот мобилен компјутер.

Веднаш направи план каде ќе има акција и ги прегледа веќе креираните нарачки. Нив, модулот за управување на залихи од доствувач, преку системот (VMI – Vendor Managed Inventory), автоматски ги пресметува, врз база на извештаите за продажба и за залиха кои пристигнале преку EDI во текот на ноќта. На две од нив направи корекција на количеството, бидејќи има акција во тие продажни објекти и ги прати на преглед кај купувачите за одобрување. Отиде во првиот објект и откако утврди дека сите артикли се добро позиционирани, му требаше само еден момент со шефот да ја потврди и да ја испрати нарачката во логистичкиот центар, бидејќи тој веќе ја имаше прегледано и одобрено.

Во логистичкиот центар нарачката веднаш беше евидентирана во модулот за организација на транспорт (TMS – Transport Management System ), така што вообичаеното возило кое, во областа каде Кире ја направи нарачката, е веќе полно 70 отсто од својот капацитет. Шефот на логистика на својот монитор во системот за управување со магацин (WMS – Warehouse Management System) забележа дека од пристигнатата нарачка направени се два налога за подготовка: Во термозоната Мирко веќе почна да ја подготвува со рачниот компјутер, а во амбиент-зоната виљушкаристот веќе ја симнува палетата со најкраток рок од локацијата која WMS системот му ја соопшти преку рачниот компјутер, бидејќи во зоната за пикирање нема доволна залиха. Шефот на магацинот и помошниците, преку апликацијата WMS на рачните компјутери, ја проверија целата подготвена стока и добро ја означија со етикети кои системот WMS ги отпечати на најблискиот принтер според стандарди ГС1. На овој начин, утоварот може да оди непречено, но и купувачот лесно да ја распознае примената стока.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *